Во овој момент не може да се оцени дали мостот „Беласица“ во Скопје е безбеден за употреба или не, вели деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.
Тој останува на ставот дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
„Во однос на мостот Беласица и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен.
Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба.
Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не“, рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.