По Кирил и Методиј, Бугарија и Русија „се разминаа“ и за Илинден

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, со дијаметрално спротивна пригодна порака за Илинден во однос на честитката од Амбасада на Русија во Скопје.

„Илинденско-преображенското востание е херојска и трагична круна на бугарското револуционерно движење за слобода и национално обединување.

Со решителност и со подготвеност за жртва, без надеж за помош однадвор, Бугарите од Македонија и од Тракија се кренаа во очајна, но достоинствена битка за правда.

Востаниците ја кренаа големата парола на нашата национална револуција – ‘Слобода или смрт’. Многумина паднаа во борбата, зошто знаеја и прифатија дека сопствениот живот е историската цена на слободата.

Нивната саможртва ја почитуваме и не ја забораваме. Илинден нè потсетува дека слободата и историската вистина треба да се ценат и ревносно да се потврдуваат“, порача Радев преку „Фејсбук“.

Руската амбасада во Скопје, пак, во честитката за државниот и национален празник во Македонија не спомнува Бугари, туку Македонци.

„Илинден е концентриран израз на непокорот, националната гордост и родољубието на Македонците! Нека е вечен празникот! За многу години!“, се вели во пораката од Амбасадата на „Твитер“.

Преку оваа социјална мрежа дипломатското претставништво на Русија информира и дека амбасадорот Олег Шчербак денеска бил присутен на прославата на Мечкин Камен.

„Голема чест ни е да бидеме дел од празнувањата. Амбасадорот Олег го прослави во “, твитнаа од Амбасадата.

Ова е веќе втор случај Бугарија и Русија да се на различни позиции во однос на историски настани поврзани со Македонија. При посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Москва на 24 мај минатата година неговиот руски колега и домаќин Владимир Путин му рече дека „писменоста дојде кај нас токму од македонската земја“, со што предизвика бура од реакции во Бугарија.