Комисијата за заразни болести денеска до владата предложи да се воведе задолжителен ПЦР тест за сите патници од Косово кои транзитираат низ Република Северна Македонија.

Транзит патниците на граничниот премин треба да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Предлогот на Комисијата веројатно има врска со алармот од владата на Финска која сериозно размислува да ги укине летовите од Скопје за Турку.

Во изминатите денови со три авионски лета од Скопје во Турко слетале над 40 патници позитивни на Ковид 19.

Финските здравствени власти решија да воведат задолжителен карантин и тестирање за сите патници што доаѓаат од високоризични земји, откако во Турку слета авион со 24 патници од Скопје кои беа позитивни на коронавирусот. Во тој прв од трите летови имало 157 патници кои се согласиле доброволно да се тестираат.

Министерството за здравство информираше дека на конкретниот лет најголемиот број патници биле со косовски пасош а само двајца со македонски пасош.

Дел од косовските државјани само транзитирале низ Македонија за да го фатат летот од скопскиот аеродром, во периодот кога воопшто не се бараше ПЦР тест за транзит, туку само требаше да приложат електронски авио билет и изјава дека ќе ја напуштат Македонија за три часа.