Огранокот од Дечани на Лигата на историчарите од Косово „Али Хадри“ преку американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, побараа од САД, по примерот со ерменскиот случај, официјално да признаат дека во периодот 1998-1999 година Србија извршила геноцид.

„Претседателот на САД, големиот пријател на Албанците, Џо Бајден, официјално го призна геноцидот што Османското царство го извршило во Ерменија во 1915 година. Бараме САД официјално да го признаат и геноцидот што го изврши српската држава во Косово во 1998-1999“, се вели во барањето.

Покрај Србите и Србија, за убиства на Албанците ја обвинуваат и Црквата. Велат дека геноцид над Албанците е спроведуван од 1912 до 1999 година.

„Убиства на Албанците континуирано извршуваат државата, црквата и српскиот народ, т.е. од 1912 година, кога албанските земји ги окупираа српската војска и држава. Од 1912 до 1999 година Србија правеше континуиран и систематски геноцид над косовските Албанци“, се додава во барањето на косовските историчари.