Претседателот Стево Пендаровски смета дека Македонија би требало да го засили партнерството со САД засновано врз Декларацијата од 2008, откако Европската Унија не успеа да ѝ ги отвори своите врати на земјава, пренесува СДК.
Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу САД и Македонија, потпишана во Вашингтон на 7 мај 2008 од тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс, е најголемиот и најзначајниот документ во македонско-американските односи.
Декларацијата беше потпишана поради грчкото вето за влез на Македонија во Алијансата на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008. Со неа САД ја гарантира безбедноста на Македонија, без тоа да биде замена за членство во НАТО. Со Декларацијата се потенцира определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите меѓу граѓаните на двете земји, преку промоција на културна и образовна размена, пишува порталот.
„Што ако спорот со Бугарија се оддолжи со години? Можеби не 25, како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Во договорот со Вашингтон има барем четири-пет области во кои би можеле конкретно да влеземе во соработка со САД. За ова најверојатно наскоро ќе имаме средби на ниво на државно раководство. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, рече Пендаровски на панел дискусијата на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република s. Македонија“.
Повеќе на овој ЛИНК