Пензионерите од Прилеп на протест денеска побараа линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари, а не процентуално.

Според нив, најавеното зголемување од 6 проценти е недостоинствено и поради тоа се чувствуваат како граѓани од трет ред.

Во прилепскиот регион има околу 14.000 пензионери, од кои повеќе од половина се со ниски пензии под 15.000 денари.

„Не сакаме да преживуваме, сакаме да живееме!

Нека пробаат функционерите да живеат месечно со примање од 13.000 денари, па нека кажат дали можат“.

Со овие пораки револтираните прилепски пензионери одржаа мирен протест поради најавеното усогласување на пензиите за само 6 отсто со септемвриската пензија.

Велат дека незадоволството не е само во Прилеп туку во цела Македонија, поради зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто, наспроти најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто.

Бараат линеарно зголемување, во спротивно се закануваат со секојдневни протести, не исклучувајќи ја можноста тие да бидат и радикализирани, бидејќи, како што велат, сега се на работ од егзистенцијата. Реагираат дека ако досега преживувале, сега не можат ниту да преживеат.