По дведецениска пауза, Русија во средата го започна производството на автомобилската марка „Москвич“ во фабрика во близина на Москва од која се откажа францускиот производител на автомобили „Рено“.

Новиот „моквич“ има модерен кинески дизајн кој едвај наликува на класиката од советската ера.

Во мај, „Рено“ го продаде својот мнозински удел во автомобилскиот производител „Автоваз“ на руската држава за само една рубља, но со можност по шест години да може да го откупи. Дополнително, тој ја продаде и својата фабрика јужно од Москва – сега преименувана во „Автомобилска фабрика Москвич – Москва – исто така за една рубља.

Првите автомобили на ново-старата марка „Москвич“ ќе излезат од производствената лента во декември 2022 година, а
„москвич“ 3 ќе биде првиот модел.

Оваа година се планира да се произведат само 600 возила, со крајна цел да се произведуваат 100.000 автомобили годишно, од кои дел ќе бидат електрични.