Добро е да растат платите , но нивниот раст засега е преспор во однос на енормно зголемените трошоци за живот, велат од ВМРО-ДПМНЕ според кои фалењето на СДСМ за зголемување на платите е изгубено во просторот и времето.
„Да не заборавиме дека токму оваа влада го зголеми ДДВ-то на огромен број на производи. Дополнително на ова ако се додаде и двоцифрената инфлација ќе се добие дека со повишувањето на платите нема ниту за сол и шеќер да се купи. На пример, ако јогуртот се продаваше по цена од околу 70 до 80 денари, сега чини околу 90 денари. Кравјиот кашкавал кој одеше за 500 денари, сега чини 600 денари. Еден килограм овчи кашкавал ќе се продава за околу 900 денари, мешаниот за околу 700, кравјото сирење е со цена околу 400 денари, а овчото сирење се продава за повеќе од 500 денари, се вели во соопштението на партијата.
Од опозициската партија потсетуваат дека вредноста на синдикалната кошница што е миинимумот за за преживување на едно 4 члено семејство за октомври 2023 година изнесува 46.198 денари, а СДСМ се фали со минимална плата 22.500 денари што е пола од реалните трошоци за живот.
„За 7 години власт на СДС Македонија заостана зад сите држави во регионот, сите земји кои беа зад нас сега се пред нас. Во период од 2017 до 2023 година растот на БДП по глава на жител во Македонија е само 20%, додека кај сите други држави од регионот е 50%, а некаде и над тоа. Имено додека во Македонија економијата пораснала за 20%, во БИХ таа се зголемила за 42%.
Додека Македонија има раст од само 20%, во Србија растот е 50%. А за истиот период во Бугарија по глава на жител БДП се зголемил за 64%. Повеќе од двојно поголем раст од Македонија има и Албанија, каде по глава на жител во периодот од 2017 до 2022 година БДП пораснал за 52%.
Во 2017 Македонија имаше поголем БДП по глава на жител и од Албанија и од БИХ, сега и двете земји кои беа зад нас не поминаа, а Србија, Бугарија и Црна Гора се уште повеќе пред нас. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.