Корисниците на платежните картички за купување македонски производи и услуги од домашни компании своите 9.000, односно 3.000 денари ќе ги добијат на посебните сметки најдоцна до 3 јули и ќе мора истите да ги потрошат до 31-ви истиот месец, гласи уредбата за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници која беше објавена службено околу полноќ, објави „Фактор“.

Деловните банки откако ќе биде објавена конечната листа на корисници на финансиска поддршка во најкус можен рок ќе треба до 3 јули да им ги префрли парите на граѓаните на нивните сметки, а доколку до 31 јули не се потрошат, автоматски непотрошените средства се враќаат во државниот буџет..

Социјалните случаи и невработените ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице. Работниците со ниски примања ќе добијат 3.000 денари, додека средношколците не помлади од 16 години и студентите не постари од 29 години  ќе добијат износ од 3.000 денари.

Здравствените работници-кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40 проценти од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно.