Христо Петрески, претседател на Друштвото на писатели на Македонија денеска повторно извести дека поднел оставка откако ја повлече првичната од минатата недела поднесена – поради здравствени причини.
Во кус допис упатен до членовите на Друштвото на писателите на Македонија и до медиумите, Петрески вели:
„Ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека денес официјално поднесов оставка на местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Скопје, 17.10.2023 година, Христо Петрески“.
Aктуелниот претседател на ДПM во саботата ја повлече својата оставка дадена пет дена пред тоа, тврдејќи дека таа била поднесена под притисок.
Тој во неделата се обрати со соопштение во кое тврди дека самото друштво се наоѓа под притисок за неговото постоење, а меѓу другото и за прашања кои задираат во националниот идентитет и македонскиот јазик.
Членовите на ДПМ одговорија на соопштението на претседателот Христо Петрески, барајќи тој да ги објасни и да ги аргументира своите тврдења и порачаа дека членството нема да дозволи да биде изманипулирано, пренесува Плусинфо.
„Начинот на кој Христо Петрески се обидува да создаде матна слика во јавноста преку веќе наведевениве постапки е штетен за угледот на ДПМ во Македонија и во странство, но штетен е и за националните (и за сите други) интереси. Тој пред целото членство на ДПМ (преку кој било медиум), мора да го образложи неаргументираното тврдење испратено до медиумите за наводните притисоци и закани, како и за прашањата што наводно ги задираат идентитетот и македонскиот јазик. По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа. Следствено на тоа, ја повикуваме претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот“, се вели во дописот на писателите.