Град Скопје распиша оглас за ангажирање на приватни превозници на 16 линии, односно автобусите со броеви 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73.

Тоа се истите автобуски линиии за кои градоначалничката Данела Арсовска тврдеше дека „и без нив се може“ и дека протестот на приватните (кои бараа градот да им исплати долг од 1,5 милиони евра) ќе го покрие со автобуси на ЈСП.

„Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, нешто кое што е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година“, кажа Арсовска на 12 јануари.

Тоа не се случи, а граѓаните земава ја поминаа во чекање на автобуските постојки и во туркабици во автобусите на ЈСП.

Денеска е распишан огласот кој ќе трае до 21 март, по кој ќе бидат избрани превозници.

На огласот не смеат да се појавуваат долгогодишните превозници, компаниите „Макекспрес“ и Слобода превоз“.

Критериумите за да бидат избрани се возниот парк, човечките ресурси, логистиката, искуството.Добивај вести на вибер

„Пакетите на линии утврдени во овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години. Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје. По завршување на постапката, градоначалникот донесува решение за секоја линија од доделениот пакет. Град Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор, кој е составен дел од документацијата за јавниот оглас“, стои во огласот.

Договорот за нов оглас на кој ќе се пријават превозниците падна минатата недела. Засега не се знае како ќе им се исплати долгот од 1.5 милиони евра кој го има ЈСП кон нив.