Кошаркарите во дресови со натпис „Северна Македонија“ ја совладаа Естонија со 86:84 (по четвртини 18:27, 20:22, 25:20, 23:15), но на Евробаскет 2022 заминува ривалот поради победата од 81:72 во Скопје.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров имаа задоцнет финиш и во квалификациите, во кои врзаа две победи дури по четири порази, како и во мечот во Перм, во кој Естонците беа постојано во водство.

Тие 10 секунди до крајот намерно не реализираа ниту едно од двете слободни фрлања, за да нема израмнување и екстра пет минути за противникот да ја надомести негативата од девет поена од првиот меѓусебен дуел. Во последниот напад Ненад Димитриевиќ се обиде да изнуди прекршок, но наместо тоа постигна тројка надвор од баланс.

Токму Димитриевиќ повторно беше најефикасен со 23 поени и 5 асистенции, но и 8 загубени топки. Веднаш зад него по ефектот е Бојан Трајковски со 21 поен и 6 скока, а дебитантот Џејкоб Вајли запиша дабл-дабл од 18 поени и 14 скока и со перформанс 31 беше прво име на средбата.