Пикси, Савиќевиќ, можеби и Просинечки на промоцијата на документарецот за Панчев

Драган Стојковиќ-Пикси, Дејан Савиќевиќ, можеби и Роберт Просинечки, соиграчи на Дарко Панчев во тимот на Црвена звезда што го освои тогашниот Куп на европските шампиони во 1991 година, ќе присуствуваат на промоцијата на документарниот филм за македонската фудбалска легенда в понеделник во Скопје.

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија и членот на Советот на ФИФА и претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора го потврдија присуството на промоцијата на документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“ закажана за в понеделник од 20 часот во хотелот „Александар палас“.

Покрај европската титула, која токму Панчев им ја донесе на „црвено-белите“ со успешно изведениот последен удар од белата точка во пенал-рулетот против Олимпик Марсеј во финалето во Бари, македонскиот напаѓач со Звезда триумфира и на Светското клупско првенство исто така во 1991 година. Тогаш ја освои и „златната копачка“ за постигнатите 34 гола во првенството на СФР Југославија.

Како играч на Вардар, каде што ја почна кариерата, Панчев во сезоната 1983/84 стана најмлад најдобар стрелец во национално првенство со 19 гола, а во 1986/87 со златната генерација на „црвено-црните“ стана шампион на СФРЈ.

Панчев е единствениот македонски стрелец на светските првенства, постигнувајќи два гола за Југославија против Обединетите Арапски Емирати во победата од 5:2 на мундијалот во Италија 1990. За „сините“ одигра 27 натпревари и постигна 17 погодоци, а во квалификациите за ЕП 1992 во Данска беше најдобар стрелец во сите квалификациски групи со 10 гола.

За Македонија настапи на 6 меча и постигна еден гол, од пенал, во првиот официјален меч против Словенија (4:1) во 1993 година во Крањ, кога му асистира на Зоран Бошковски за првиот погодок во историјата на македонската фудбалска репрезентација.