Филип Фиданоски од Школата за економија при Универзитет на Нов Јужен Велс, Сиднеј, Австралија, се обратил со допис до Редакцијата на Плусинфо, со барање порталот да објави негова реакција за, како што тврди, плагијат и повреда на неговите авторски права.
Според пописот кражбата на научни тези и студии се случила од познатиот член на академската заедница во Македонија, професорот Леонид Наков од Економскиот факултет во Скопје.
За овој допис, Редакцијата на 7 март го известила професор Наков и од него побарала одговор на наводите на г-н Фиданоски, со молба тоа да го стори до петокот, 11 март.
За жал, тој не одговорил. По оваа објава, Плусинфо и натаму очекува г-н Наков да одговори на наводите во кои е обвинет за неакадемско поведение.
,,Ќе се обидам поконкретно да ја сецирам централната тема во текстот. Имено, пред помалку од една година, сосема случајно, наидов на труд со наслов „The Impact of Organizational Changes on Increasing Smes (sic.) Competitiveness“. Од увидот во трудот забележав дека табелите од регресионата анализа, како и сликата од регресионата анализа и модели, се целосно исти како оние од пораката која сум ја испратил на 10 февруари 2015 година до граѓанинот Леонид Наков, кој на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот Свв. Кирил и Методиј во Скопје, рангиран на 1.594 место во светот според Вебометрикс, е редовен професор по предметот Деловна етика. Сепак, моето „гранче чесно дрво“, моето име, не може да се пронајде ниту со Гајгер-Милеров бројач. Го нема ниту во благодарноста во објавениот научен труд.
Да е трагедијата поголема, моите информации говорат дека граѓанинот Наков предава и Научно-истражувачка етика на Школата за докторските студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Граѓанин, кој по своето неакадемско однесување наликува на Дидрик Стejпл, ги поучува идните научници како да го сообразат своето однесување со етичките принципи. Каква ужасна хипокризија! Верувам дека дури и проклетиот Веит Харлан поубаво и со поголема страст би ја испеал „Хатиква“ отколку дотичниот да ја долови важноста на етичките принципи во академијата. Еден поет би рекол дека тоа е поголем срам од тоа „Жаклина Кенеди да се омажеше за Ли Харви Освалд“. Оттука, по сите мерила тој е етичар, но од Сигуенса”, пишува Фиданоски во дел од дописот.
Целиот допис од австралискиот професор од Македонија на линкот на Плусинфо