Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска најави дека до општина Желино ќе испрати барање за дозвола за изградба на споменик на загинатите армиски резервисти во месноста Карпалак во масакрот што се случи на денешен ден пред 22 години.

Министерката зПетровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски ја предводеа делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата која на Карпалак положи венец во спомен на бранителите и се поклонија пред заштитната ограда на автопатот крај Карпалак затоа што повеќе од две децении државата не најде начин да им изгради достоен споменик на хероите кои го дадоа животот за својата земја.

22 години од масакрот кај Карпалак

„ 22 години поминаа, но со голема тежина во срцето, од трагичниот настан на Карпалак каде животот го загубија десетте херои на безбедносните сили. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината и тоа никогаш нема да биде заборавено. Длабока почит и сочувство до нивните семејства. Вашите синови ќе ги паметиме вечно како херои кои за татковината го дадоа најскапоценото.

Тие заслужуваат достоен споменик на кој ќе се оддава почит. До општина Желино ќе испратам барање да биде дозволено тука да се изгради споменик и Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира“, истакна Петровска од месноста Карпалак.

На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.