„Мојата совест е чиста. Секогаш сум му служел на македонскиот народ: за негово добро, за негова слобода и правда. Одамна јас не си припаѓам себеси…па затоа и твоите закани не ме плашат…” – со овие зборови со гордо крената глава му се обратил партизанската легенда и револуционерниот деец за слободна и обединета Македонија Петре Пирузе Мајски на иследникот на Голи Оток, каде што бил испратен во 1950 година, за време на судирот на КПЈ со Информбирото, во 1950, без судска пресуда, на тригодишно „општествено превоспитување“

Бил испратен на Голи Оток, поради своите заложби за слободна и обединета држава Македонија, со сите три свои делови – вардарскиот, пиринскиот и егејскиот. Историчарката Виолета Ачковска во своја  статија објавена на 18 февруари 2021 година во „Денешен весник“ пишува: „Мајски  доживеал вистинска голгота на Голи Оток: физичка и психичка тортура, напорна работа и изгладнување, покрај иследничката пеколна игра со ставање ‘под ќебе’. Со месеци бил иследуван, цели ноќи бил безмилосно тепан, а потоа враќан во бараката во ќебе. Прогласен како ‘предавник’ на Партијата, со удбашки методи бил принудуван да признае дека е ‘бугарски шпион’. Не успеале да му го скршат духот. Останал неизвалкан, доследен и со гордо крената глава.“


„Петре Пирузе – Мајски е опеан партизански командант, легенда на антифашистичката НОБ во Западна Македонија, човек со широки демократски погледи, асномски деец и близок соработник на Ченто, Македонец, кој тргна по патеките на борбата за национална слобода и државност на својот македонски народ. Во 1945 година паѓа во немилост, зашто при посетата во Софија зборувал за обединување на Македонија, а покрај тоа уште барал и правда за партизанката Лена Стојческа, убиена по наредба на Цветко Узуновски Абаз, раководител на македонската УДБА.“

На денешен ден, на 5 мај во 1907 година во Охрид е роден Петре Пирузе – Мајски, македонскиот рeвoлуциoнeрeн дeeц за слободна и обединета Македонија. Во 1930 година се запишува на Правниот факултет во Белград. Рано се вклучува во револуционерното движење и учествува во студентското движење и формирањето на Македонскиот народен покрет (МАНАПО). По завршувањето на студиите во 1936 година Петре Пирузе се враќа во Охрид. Се вработува како судски приправник во Ресен, а потоа и како адвокатски приправник кај Илија Коцаре во Охрид. На илегалниот состанок на МАНАПО одржан на 28 август 1936 година во Охрид, на кои учествуваа голем број студенти, интелектуалци и други напредни Македонци од сите градови во Македонија,  доаѓа до идејно-политичко оформување на МАНАПО и до согласност за основните цели и методи на дејствување во борбата за национална слобода и равноправност на македонскиот народ во рамките на Југославија.

Врз основа на овие насоки Петре Пирузе во јуни 1939 година на митингот на партијата во Охрид одржува говор на локален дијалект. По капитулацијата на Југославија се враќа во Охрид и набргу станува член на комунистичкото движење. На 15 мај 1941 година тој е поставен како прв политички секретар и организатор на партиската организација на КП во Охрид и Охридско. Петре Пирузе на 20 октомври 1941 година го избегнува апсењето на охридските комунисти по провалата во охридската организација. На судскиот процес одржан на 26 и 27 ноември, во отсуство тој е осуден од бугарските власти на смрт со бесење. Затоа Пирузе преминува во илегала: се префрла на територијата под италијанска окупација и го организира ослободителното движење во Дебарца.

Петре Пирузе Мајски станува легенда за време на народноослободителната војна. Во југозападниот дел на Македонија го организира движењето, создавајќи партиски ќелии и ја подготвува територијата за оружена војна. Во Дебарца ги врши подготовките за формирање  на партизанските одреди „Славеј“, „Јане Сандански“ и малесискиот партизански одред. Од август 1943 година Мајски станува командант со Втората оперативна зона во Македонија и учествува во формирањето на баталјонот “Мирче Ацев” и на Македонско-косовската ударна бригада.

Тој раководи со Народноослободителната и антифашистичката борба во западниот дел на Македонија. Како член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија тој е еден од потписниците на Манифестот на Главниот штаб, а бил избран и за делегат на Второто заседание на АВНОЈ.

Петре Пирузе Мајски бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а потоа учествува на заседанието како делегат. На заседанието бил избран како член на Президиумот на АСНОМ и член на Комисијата за изработка на македонската азбука. Президиумот на АСНОМ ја презема функцијата како Привремена влада на македонската држава на 6 август 1944 година во селото Равно, Кумановско, а  Пирузе Мајски станува прв пoвeрeник (министeр) зa прaвoсудствo нa Макeдoниja.

Функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja ја врши во периодот од 1944 до 1945 година. Пирузе дава значителен продонес за втемелување на македонскиот правосуден систем на Македонија. Меѓутоа, тој активно ја подржува идејата за обединета Македонија. При посетата на Софија во декември 1944 година тој ќе изјави дека југословенската конфедерација подразбира подоцнежно приклучување на Бугарија и на другите балкански држави. Во тие рамки тој го гледал обединувањето на Македонија и Македонците од Пиринскиот регион кон Република Македонија.

Односно, во балканската федерација, која ќе биде способна да ја брани слободата и независноста на сите балкански народи, тој го гледа решението и на македонското прашање. Неговата изјава нема да им се допадне на југословенските и британските власти. Британците дури ќе побараат од Белград и Софија да преземат мерки за неодмерените изјави на одделни македонски политички личности, со цел нивната активност да се запре.

Во тој период еден од начините за отстранување на непогодните лица со пренагласени заложби за обединета Македонија беше отстранување од матичната република и  испраќање на служба во сојузните органи. Така овие лица можеа полесно да бидат контролирани. Петре Пирузе Мајски, кој е носител на партизанска споменица од 1941 година, пo фoрмирaњeтo нa Maкeдoнскaтa влaдa во 1946 година бил отстранет од Македонија и испрaтeн како судиja нa Врхoвниoт суд нa Jугoслaвиja вo Бeлгрaд. Но, уште во 1947 година му одземена „Партизанската споменица 1941. Тоа беше обид да се дискредитира Мајски како личност пред македонскиот народ, за кого тој претставуваше  легенда.

Новата југословенска власт за време на судирот со Информбирото добива можност за целосна партиска деградација и политичка елиминација на Петре Пирузе Мајски. Во 1950 година без никакво објаснување Петре Пирузе Мајски бил лишен од слобода и испратен на Голи Оток. Информативниот портал „Академик“ во своја статија објавена на 13 декември 2013 година, покрај другото, пишува: „Поради немање докази и аргументи за сторено кривично дело, власта го ослободува во февруари 1954 година. И покрај инсистирањето да го признае делото, Пирузе Мајски никогаш не го сторил тоа. Враќањето на Мајски во Македонија предизвикува паника во безбедносните служби и тој е следен, обработуван и кодошен се до неговата смрт. Безбедносниот интерес за него никогаш не престанал. По враќањето од Голи Оток работел како правен советник во Сојузната ветеринарна служба во Белград.“

„Неговата молба за адвокатура во Скопје била земена на ‘нож’, внесувајќи немир кај лицата, кои ги контролирале неговиот професионален ангажман и приватниот живот. На 13 декември 2013 Комисијата за верификација на фактите го отвори досието на првиот министер за правда и основоположникот на македонската адвокатура Петре Пирузе – Мајски. Според Извештајот за неговото досие во Комисијата, Мајски бил следен и обработуван од повеќе од 50 соработници на тајните служби!“

Петре Пирузе Мајски бил само делумно рехабилитиран во 1966 година, а наредната година му била вратена „Партизанската споменица 1941“. Бил целосно дeгрaдирaн. Дури вo 1970 година e врaтeн вo члeнството на KПM. Пoлитички дискрeдитирaн, како пензионер умирa на 12 јануари 1980 година во родниот град. Иако како носител на “Партизанска споменица 1941 година” му следувало, според Закон, закоп на државен трошок и спомен-обележје, државата не го прави тоа и го заборава својот син, кој се борел за слободата на македонскиот народ и се залагал за обединување на Македонија.

Во своја научна статија објавена во 1997 година историчарот Владо Ивановски ќе напише: „Како првоборец од Охрид Пирузе Мајски е првиот партизан на просторот од Западна Македонија. Како хуманист, општественик, револуционер и државник, Пирузе-Мајски е неодминлива личност од поновата историја на Македонија и македонскиот народ.  Со својата револуционерна активност и дело … уште за време на војната Majски си изгради споменик за себе и за својата револуционерна генерација на која и припаѓаше. Се откажа од правничката кариера, од која можеше богато да живее. Се определи за борба, за револуција, за слобода на Македонија.“

Историчарката Виолета Ачковска во споменатата своја статија заклучува: „Петре Пирузе и припаѓа на онаа генерација Македонци, кои застанаа на браникот на Македонија против фашистичкото зло. Неговата храброст, чесност и човечност и љубовта кон татковината се оние искри во нашето колективно паметење, кои ни овозможуваат национална гордост и самопочит. Нека му е вечна слава!“

Подготвил: Свето Тоевски, со користење и статија на „Македонска нација“ од 21 септември 2011 година.