Рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал.



Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата, вели доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија во интервју за Радио слободна Европа.

Според него, стапката на вакцинација од 40 % ни е ниска, вакцините не се прифатени со таков ентузијазам кој се очекуваше, бидејќи доказите се недвосмислени дека вакцините функционираат одлично. Во целиот свет таму каде што стапката на вакцинација е над 70 проценти нема смртни случаи поврзани со ковид. Во сите земји, почнувајќи од соседството, каде што стапката на вакцинација е под 50 проценти, има огромни бранови и стотици мртви.