Петличковски: Ќе има и други варијанти на ковид, но пандемијата спласнува

Со околу 70 или 80 проценти имунизирано население, се очекува да имаме блага пролет и да подзаборавиме на Ковид-от. Не можеме да предвидиме како ќе биде следната зима и дали ќе има сезонска вакцинација за корона како за грип, изјави д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести во гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.

Тој смета дека е рано да ја прогласиме пандемијата за завршена и да кажеме дека омикрон ќе биде последната варијанта на вирусот.

„Ќе има и други варијанти, но има повеќе други параметри кои укажуваат дека пандемијата спласнува со интензитетот односно со ризикот што го носи по здравствените системи и по индивидуалците. Но, сѐ уште трае и денес сѐ уште умираат луѓе заразени со омикрон за кој велиме дека има многу поблаг тек.

Претпоставките се дека пандемијата постепено ќе добие ендемски вид, што значи дека вирусот ќе продолжи да биде меѓу нас, но ќе се појавува во одредени групи, држави, популации и не се очекува да има вакви сериозни импликации односно толку голем број смртни случаи“, рече Петличковски.