Петковски до Захариева: Ако промената на Уставот е мала работа, зошто е тешко да ги вклучите Македонците во вашиот?

Некогашниот претседател на Собранието, Тито Петковски, ја коментираше изјавата на поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева дека промената на Уставот на Македонија не е голема работа, бидејќи Бугарите биле дел од реалноста во земјата и тоа морало да се прифати.

„Ако менувањето на нашиот Устав е толку мала и едноставна работа, тогаш зошто менувањето на бугарскиот Устав и внесувањето на Македонците во него, што е дел од реалноста во Република Бугарија, е толку тешка и сложена работа? Зарем европските вредности не се граѓански и етнички права и слободи?“, прашува Петковски.


„Бугарија има обврска според пресудата на Меѓународниот суд за човекови права, повторена по 15. пат, да ги признае правата на Македонците во Бугарија и слободата на политичко организирање. Зошто Бугарија како членка на ЕУ не ги признава и не ги спроведува одлуките на Меѓународниот суд? Дали е тоа правна и демократска држава по европски стандарди и критериуми?“, додава основачот и експретседател на НСДП.