Поранешни функционери на бугарската Државна безбедност нема да бидат назначени во тимовите на министри во новата влада, изјави вчера премиерот Кирил Петков.
Изјавата доаѓа по информациите во бугарските медиуми дека новата министерка за надворешни работи , Теодора Генчoвска, ангажирала најмалку четворица поранешни доушници на комунистичката тајна служба како свои советници.
Откритието предизвика голема дебата за расчистувањето со комунистичкото минато во земјата, а се повторуваат и барањата за лустрација.
Премиерот Петков експресно најави „брзи мерки“ со кои ќе се спречи именувањето на новите контроверзни советници во кабинетот на Генчовска, која доаѓа од движењето „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов.
„Секој министер има право да го предложи својот тим, но тогаш ние во коалицискиот тим разговараме за тоа. Овие луѓе нема да бидат именувани“, рече Петков, додавајќи дека Генчевска веќе го прифатила таквиот став.
Генчовска својот професионален живот досега го минала во безбедносните структури во земјата и нејзиното номинирање во надворешната политика се сметаше за изненадување.
