Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов на денешното празнување во Бугарија на обединувањето одново ја спомна Македонија како „најромантичен дел од бугарската историја“, изјава по која Македонците го запемтија неговиот претседателски мандат од 1997 до 2002 година.
„Јас како дете помнам две избледени литографии во собата на мојот дедо, кој беше голем патриот и националист. Литографиите на Николај Павлович – едната е направена по Берлинскиот договор и се вика ‘Мизија, Тракија и Македонија’, кои се разделени со договорот. Претставени се Мизија – Кнежевство Бугарија – со изваден меч и развеано бугарско знаме, а во исто време Тракија – силна бугарска девојка, потпрена од еден лав, со меч, кој стои во футрола, а во аголот е натажена Македонија, која сè уште е врзана во окови за Османската империја. Тоа е претставата на Бугаринот од тоа време за поделбата. Следната литографија, пак, на Николај Павлович е обединета Бугарија – две силни бугарски девојки – тоа се Мизија и Тракија – и Македонија, која продолжува да стои во ропство и во окови“, вели Стојанов во интервју за Бугарско национално радио (БНР).
„Обединувањето се овенчува со успех. Ниту Априлското востание го има тој успех, ниту Санстефанскиот идеал го има тој успех. Знам дека по Берлински договор Бугарија е поделена, но обединувањето ги обединува двата најголеми дела на Бугарија“, додава тој.