Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева реагира на интервјуто на владиниот директор на Дирекцијата за индустриско развојни зони (ТИРЗ) кон во вестите на Сител се фали со странски инвестиции.
,,Јован Деспотовски отишол на интервју за да каже што мисли, наместо да каже што знае. Ама очигледно, ништо не знае…
Деспотовски вечерва потврди дека Македонија нема стратегија за привлекување на странски инвестиции!
“Не ни требаат ветувања на лист хартија, ни требаат резултати” – факт е дека ниту има стратегија, ниту има резултати!
Втор факт е дека растот на платите во зоните не е резултат на државни мерки туку на економски движења на пазарот на трудот на пошироко ниво, недостатокот на работна сила, вклучувајќи ја инфлацијата, зголемените трошоци за живот, продуктивноста на работната сила итн, додека бројот на вработени расте од компаниите кои веќе подолго време работат во Македонија.
Трет факт, во однос на оправданоста на државната помош = согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во моментов се дава многу повеќе пари отколку претходно (над 30% од вредност на инвестицијата како CAPEX грант, плус за креирање на работни места). Остатокот до 50% се даночни ослободувања. Да потсетиме, претходно, тој % беше не повеќе од 15% од вредноста на инвестицијата, а остатокот (до 50%) беа даночни ослободувања – каде практично државата немаше трошок бидејќи се откажуваше од нешто што воопшто не би го имала доколку ја немало инвестицијата. Истово ова е забележено и во извештајот на ДЗР каде исплатената кеш компонента во 2021 е скоро дупло повисока од износот во 2017.
Понатаму, факт е дека договорите не се јавно објавени – Деспотовски треба да знае дека има огромна разлика од тоа да ги соопштиш условите, од објавување на договорите!!! Согласно неговите тврдења, во Македонија за помалку од две години има договори за нови инвестиции од над 620милиони евра и тоа над 70% биле нови компании кои за прв пат инвестирале во Македонија – уште еднаш го повикуваме јавно да ги објави и барем за една од тие да каже како тој лично ја привлекол инвестицијата и кои методи и знаења ги употребил.
Петто, на прашањето ќе го имаме ли првиот електричен автомобил и кога (мислејќи тука на инвестицијата eGo во Тетово) Деспотовски вели: мислам дека ќе го имаме до крајот на 2024 … најверојатно мисли дека фабрикава нема да се гради, од Марс ќе слета и ќе почне веднаш да произведува…
И за крај, сепак мора да потврдиме уште еднаш дека најголемото достигнување на Јован Деспотовски е воведувањето на excel табела – значи не закон, подзаконски акти, нов бренд на инвеститор, туку EXCEL табела! – што не би требало да биде теза за јавно фалење, нели?”, пишува Митева за настапот на Деспотовски.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски очекува до крајот на 2024 година да се оствари зацртаната цел од една милијарда евра инвестиции и удвојување на бројот вработени.
Деспотовски смета и дека во зоните ќе продолжи трендот на раст на платите, како и растот на приходите во Буџетот.
Во вечерашното гостување на ТВ Сител, Деспотовски истакна дека само лани во Буџетот се слеале близу две милијарди денари по однос на придонеси и персонален данок на доход што за три пати го надминува нивото на државна поддршка исплатено за компаниите. Тоа се, како што напомена, три пати повеќе средства за надминување на последиците од енергетската и останатите предизвици со кои се соочува македонската економија.
-Анализите на ТИРЗ покажуваат дека за едно вложено евро од државата, компаниите враќаат три, што е реален позитивен ефект од инвестициите и новиот концепт. Со новиот концепт, инвестициските договори на компаниите веќе вклучуваат врзување на дел од субвенциите со одредена динамика на раст на платите. Очекувам да продолжи растот од 2021 година кога платите во зоните првпат го надминаа државниот просек, рече директорот.
Според Деспотовски, граѓаните се уморни од програми, ветувања, зборови и стратегии. Сакаат конкретни резултати и мерливи ефекти.
-Само од почетокот на годинава имаме 2 000 нови работни места и тоа е нешто за кое треба да се радуваме сите. Крајно време е да се научи и оваа и секоја следна опозиција дека треба да се радува на заедничките, македонски успеси. Само во изминативе две години се отворени 3 500 нови работни места, а во последниве шест години во компаниите во зоните над 10 000 наши сограѓани добиле можност за работа. Овие бројки се реален резултат, а за да го постигнеме не е доволно само да имаме убаво напишани документи и ветувања, туку треба и да испорачаме, истакна Деспотовски.