Ги гледав на заедничката фотографија Зарифе и Џемал, неа до својот сопруг од кого не сакаше да се раздели, да избега од огнената стихија во модуларната ковид – болница и да се спаси, иако беше свесна дека жива ќе изгори заедно со него… Заедно во животот, заедно во смртта… Каква величенственост и во оваа ужасна трагедија, ова е доказ дека животот е посилен од смртта!

Овие двајца брачни сопружници само физички повеќе не се на овој свет и тие засекогаш ќе живеат во сеќавањата на нивните соселани од Бозовце, но и на цела Македонија.

Имаше и други трогателни случаи на загинати во тој објект, кои останаа во пеплиштето живи изгорени со своите најблиски, не успевајќи да им помогнат ниту ним ниту на себеси.

И зарем министре Филипче овие 14 жртви на оваа пластично – стиропорска „болница“ на смртта не допираат до вашите чувства? И вие навистина не чувствувате никаква одговорност?! Живи изгореа, пепел се сторија, а вие фингирате божем сте „понудиле оставка“! Оние, пак, што по партиска директива „шират позитивни работи“ за вас, дали ќе застанеа во ваша одбрана, да беше беше некој нивен најблизок, не дај Боже, ем болен од ковид, ем жив да изгореше како овие несреќници во Тетово?! Дали тогаш ќе ширеа „позитивни работи“?!

Важно е партијата СДСМ да не си го загуби својот потпретседател, што е важно што умреле таму некои…

Не, не е повеќе важно Филипче само да биде отстранет од функцијата министер за здравство, сега е важно да одговара и тоа за кривично дело „убиство“ и оној што заработи милиони евра државни пари, градејќи 19 вакви мизерни бараки – квази ковидболници низ Македонија, кои пламнуваат за три минути, а немајќи никакво противпожарно средство во нив! Кривична одговорност треба да понесе сразмерно секој во оваа верига на одговорност, низ една независна истрага. 

Пепел се стори оваа „ковид – болница“, пепел треба да се стори и ваквиот систем, во кој парите  и партиските функции се поважни од човечкиот живот. Со поддршка и на други политички партии ВМРО ДПМНЕ треба да го блокира Парламентот и со сите политички и други средства да и стави крај на оваа власт, не да се поднесува барање за разрешување на Филипче и другите одговорни за трагедијата во Тетово. Таквото барање најверојатно нема да помине, оти ВМРО ДПМНЕ нема парламентарно мнозинство во бројот на пратеници, кои би го поддржале.

Не смее никогаш повеќе да се случи вака да се загуби човечки живот. Македонија конечно мора да добие способен министер за здравство и за живот, со смисла за одговорност и морал и со почит за човечкиот живот. Доволно и беа двајца министри за „смрт“, седнати во фотелјата на министри за здравство!