„Цениве се до плафон. Со два денари макарони и денар на јајца кои беа 99 денари тоа не е мерка“, му предочи пензионерка на премиерот Димитар Ковачевски кој денеска, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, беше во најавена официјална посета на маркетот Кит-го во Тафталиџе.

Таа му се пожали дека има мала пензија, а производите се скапи, и му кажа дека цените на производите се замрзнати откако претходно енормно беа поскапени.

Ковачевски на тоа рече дека пензиите двапати годишно се зголемуваат процентуално и дека цените се насекаде зголемени поради војната во Украина, пренесува Фокус.

„Цените ги намаливме со владини одлуки или низ разговори со стопански комори. Таму каде што не можевме да постигнеме џентлменски договор, ги намаливме цените со владина одлука“, рече Ковачевски.