Пензионерите на големо се спремаат за најавениот масовен протест кој треба да се одржи на 20-ти септември во Скопје, зашто и по месец и половина протестирање по градовите, се уште нема конкретен одговор на нивното барања за линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари. Министерката за труд и социјала, денеска од Пробиштип информираше дека е формирана работна група, која утре ќе се состане и се надева дека ќе има конкретни предлози, посебно за пензионерите со најниски примања.

– Претставниците на институциите, дебатираат по она што е реална состојба во државата. Се споделуваат во работната група неопходните податоци за да можеме да пристапиме кон креирање на социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Така да, очекувам до крајот на месецот да имаме и конкретни предлози кои ќе бидат претставени и пред медиумите и пред пензионерите, изјави Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Најупорни да истрајат во нивните барања беа пензионерите од Свети Николе, кои со блокади на патиштата, го искажуваа револтот од игнорантскиот однос на надлежните, но и од фактот што со 200 евра пензија не може да се преживее. Инаку, во Македонија има над 330.000 пензионери, а една третина од нив месецот го поминуваат со минимална пензија која не стига за ништо.