Сликарот Илија Пенушлиски јавно бара неговата слика да биде повлечена од изложбата насловена „Заедно“, во новиот бугарски културен центар во Скопје.

– Cѐ додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја „културна соработка“ ќе биде травестија – пишува Пенушлиски.

Во прилог, целата реакција на сликарот Пенушлиски:

„Во Скопје, деновиве, во новиот бугарски културен центар била отворена ликовна изложба на дела од неколку бугарски и неколку наши сликари. Изложбата е насловена ‘Заедно’.

Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа?

Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонската нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари.

А на таа изложба ме убутале и мене. Со слика што сум ја насликал на Галичката ликовна колонија пред дваесетина години. Од изненадени пријатели дознавам дека моето име стои и на излогот на центарот. Демек, чаршијата да види кој сѐ учествува во овој настан.
Ја замолувам Галичката колонија да ја повлечете мојата слика од оваа изложба. Барам бугарскиот центар да го избрише моето име од излогот.

Cѐ додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја ‘културна соработка’ ќе биде травестија.“