Сè уште е рано да се шпекулира кој би можел да стои зад „инцидентот“ на гасоводот „Северен тек“. Ова го изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин, цитиран од Ројтерс.

„Во однос на нападот – или оштетувањето на гасоводот, во оваа фаза мислам дека има многу шпекулации. Но, искрено, додека не се спроведе целосна истрага, никој нема да може со сигурност да утврди што се случило“, рече тој на прес-конференција на Хаваи.

Остин додаде дека во средата разговарал за инцидентот со својот дански колега и му рекол дека ќе поминат неколку дена пред тимот на експерти да се обиде што е можно попрецизно да утврди што се случило.

Сè додека не добиеме повеќе информации или не можеме да направиме повеќе анализи, нема да шпекулираме кој би можел да биде одговорен, рече тој.