Пендрекот од рајот не излегол – Пишува Роберт Димитриевски

Мислев дека ништо повеќе не може да ме изненади во Македонија, ама сум се излажал. Овде, очигледно, дното не е пробиено, колку некој и да запнува од петни жили токму за тоа. Секогаш може(ло) подолу и полошо.

Доказот стигна, ни помалку ни повеќе, од финалето на 30. Куп на Македонија во ракомет за мажи во Охрид. По драматичната завршница на дуелот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер настана мешаница, во која еден припадник на Министерството за внатрешни работи помисли дека го има лекот за смирување. Па, го извади пендрекот и удри по – вардаровиот репрезентативец Филип Талески!

Каква неподнослива леснотија на употреба на физичка сила и неупотреба на мозокот! Со пендрек да удриш по глава човек можеш да му нанесеш тешка телесна повреда, а зависно од силата на ударот можен е, не дај Боже, и фатален епилог!

Како е можно носителот на жолт полициски елек воопшто да не помисли за последиците од со ништо оправданата (прекумерна) употреба на сила? Имаат ли, бе, соодветна обука задолжениве органи за спроведување на редот? Не знам што да направил Талески, ова ли е начинот да се вразуми?

На теренот во спортската сала „Билјанини извори“ кога настана турканицата меѓу играчите на двете екипи немаше гледачи и други неовластени лица, па отпаѓа изговорот за каква било реакција на полицијата. Ако се кошкаат ракометарите, си има редари за евентуално да ги разделат и да не дозволат ситуацијата да излезе надвор од контрола.

Од кога тоа и каде полицијата има право да тепа спортисти на самото игралиште? Кој му наредил на полицаецот-тепач да употреби сила? Ако никој не му дал наредба, неговото самоволие автоматски мора да повлече суспензија и отстранување од работното место до расветлувањето на настанот. Отказот во ваква ситуација, кога има и несоборлива видео-снимка, е дури и најмалата санкција, која може драстично да порасне ако Талески се реши за приватна тужба.

Тотално непотребната реакција на полицискиот службеник фрли дамка врз униформата и врз сите негови чесни колеги што совесно си ја вршат работата во овие тегобни времиња, носејќи им парче леб дома на своите семејства. Истовремено, колосалната глупост не може, а да не го повлече и прашањето за оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Да, тој не е директно одговорен за испадот на вработениот во министерството со кое раководи веќе седма година, но директно одговорен не беше ни српскиот министер за образование Бранко Ружиќ за убиството на осум ученици и еден припадник на обезбедувањето во училиштето во Белград, па си даде оставка од морални причини. Тоа е најмалку што може да го стори одговорен носител на јавна функција кога ќе се случи хаварија во ресорот за кој е надлежен.

Ако ова не ја прели чашата во МВР, наспроти упорните фалби на Спасовски за наводно рекордно намалување на престапноста и на криминалот, тогаш не знам што уште треба да се случи. Во Охрид само сплет на среќни околности го спаси македонскиот ракомет од трагедија. Но, на среќата се потпираат само тие што не ги поставиле работите така за да се исклучат сите околности на кои може да влијае човечкиот фактор. А даночните обврзници не одвојуваат од уста за платите и на полицијата за таа да се однесува спротивно од своите овластувања. Напротив.

„Милицијата тренира строгост“, пееше „Бијело дугме“ уште во далечната 1983 година. Кога оваа институција во тогашна Југославија го носеше предзнакот „народна“. Како, по ѓаволите, по точно четири децении, во самостојна Македонија, членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија, воопшто дојдовме до помислата дали и сегашната полиција го оправдува тој опис. Како???