Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова која вчера ненадејно допатува од Косово во Скопје на средба со претставници на бугарската заедница во Македонија рече дека охриѓанецот Христијан Пендиков ќе студира во Софија.

„Сакаме оваа есен да почне да студира во Бугарија, да го заврши високото образование, а бугарската држава ќе направи се’ што е потребно за него и за сите“, рече Јотова.

Претходно беше објавено дека Христијан Пендиков ќе добие бугарско државјанство за кое аплицирал во декември, минатата година. Тамошното министерството за надворешни работи објави дека ќе му обезбеди и стан додека престојува во Бугарија, но и лично обезбедување.

Македонскиот државјанин Пендиков кој ја извршуваше функцијата секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети’ во Охрид, минатиот месец беше физички нападнат во ресторан на кејот во центарот на градот. Сучаојот потоа прерасна во дипломатски скандал, а охриѓанецот во организација на бугарските власти беше транспортиран на лекување во Бугарија, каде oттогаш остана да живее.

Во земјава, против него во октомври минатата година поднесена била кривична пријава за дрога.

Во интервју по нападот во Охрид, Пендиков од Софија обвини дека бил дискриминиран во Македонија поради бугарската самосвест.