Охридското Обвинителство на денешното рочиште поднесе нов доказ против обвинетиот Илија Спасевски кој се товари за претепување на Христијан Пендиков.

Обвинителството во случајот „Пендиков“ достави нова медицинска документација од клиника во Бугарија поради која одбраната побара одложување на рочиштето за да се произнесе за доставените докази.

Адвокатите на обвинетиот Спасевски побараа одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Поради ова, адвокатите ја напуштија салата, а судењето без нив не можеше да продолжи.

„Потребно ни е време за проучување на дополнителното вештачење, евентуално ангажирање на технички советник, за потоа да се произнесеме. Ова го барам бидејќи при сослушување на оштетениот Пендиков, ќе зависат и прашања во однос на констатирани повреди“, рече адвокатот Димитрија Цобoски.

„Неосновано е барањето за одлагање на сослушување на сведоците, особено што оштетениот специјално дојде од Бугарија“, рече обвинителката од ОЈО-Охрид.

„Таа заборава дека Пендиков е и македонски државјанин, дека има обврска да се јавува во судот доброволно. Тоа што моментално престојува во Бугарија е негов проблем. Не е тоа проблем на судот и одбраната“, врати адвокатот.

„Се одбива предлогот. Ако се укаже потреба за повторно повикување на оштетениот, по оценка на судот, тој повторно ќе биде повикан. Поради начелата за ефикасност, продолжуваме“, рече судијата Бојан Мартиноски.

„Со ова се кршат правата на обвинетиот. Поради ова ќе ја напуштам судницата“, рече адвокатот Димитрија Цобoски.

„Сакам бранител адвокат. Ќе го користам правото да изнесам одбрана преку бранител адвокат. Барам одлагање“, рече обвинетиот Илија Спасевски.

Адвокатот Димитрија Цобoски кој го брани обвинетиот Илија Спасевски рече дека судницата ја напуштил оти на некој начин и судот има притисок, со оглед дека не беше дадено одлагање на рочиштето иако беше доставен нов доказ кој бараа да го проучат. Новиот доказ се однесува на вештачењето на повредите на Пендиков. Адвокатот претпоставува што е направено.