Македонскиот државјанин Христијан Пендиков добива третман како да е почесен граѓанин на Бугарија. Државниот врв на соседната земја му понуди серија бенефити, откако заврши неговото лечење на Воено-медицинската академија во Софија. 22-годишното момче ќе добие бесплатно сместување во стан во Софија, паричен надоместок за да живее таму со својата мајка, но и забрзување на постапката за стекнување со бугарско државјанство. Бугарските власти размислуваат да му доделат и лично обезбедување со образложение дека имало закани по неговата безбедност и дека самиот стравувал за својот живот ако се врати во Македонија.

Во видливо добра здравствена кондиција, 22-годишното момче беше примено од првите луѓе на државата. Претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова упатија порака дека „Бугарија нема да дозволи насилство врз македонските Бугари во Северна Македонија“. Преку соопштение до јавноста, Радев упати честитки до мајката на Христијан што одгледала достоен син, а на момчето му честита за храброста да го одбрани „своето бугарско име“. Истовремено, порачува дека „Бугарија ќе ги следи постапките на институциите во Македонија за гарантирање на животот и здравјето на нејзините граѓани, кои и покрај системската репресија, продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет“, а вклучувањето на Бугарите во Уставот го смета за гаранција во искоренувањето на јазикот на омраза.