Утринава на Илинден, Пендаровски постхумно ја одликуваше партизанката Невена Георгиева-Дуња со Орден за воени заслуги, а еден од најзначајните македонски политичари во поранешна Југославија, Крсте Црвенковски, со Орден на Република Северна Македонија. Пендаровски напладне ќе предводи делегација во српскиот манастир „Прохор Пчињски“, како дел од одбележувањето на 2 Август – Денот на републиката.

„Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои страв дека на тој пат кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да може да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвориме ушите и нема да ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци од генерацијата која на своја кожа ја искусила окупацијата од периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Историската вистина не може да се замолкне ни со договор, ни со протокол. Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Затоа ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината“, кажа претседателот Пендаровски.

Претседателот ги повика граѓаните да не се плашат од асимилација.

„Драги сограѓани. Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите на асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денеска при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. Имаме намера да ги исполниме сите услови од преговарачките поглавја, но немаме намера со кого било, место за европски вредности, да разговараме за возобновување на империјалистичките концепти и идеи од минатите векови“, кажа Пендаровски и потсети дека на патот кон обединување со Европа, имаме огромна незавршена работа дома.

Пендаровски истовремено им додели Медал за храброст на осуммина учесници во НОБ: Никола Стојановски, Јован Величковски, Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева, денес сите 90-годишници и постхумно Трајанка Аврамовска.

„Со овие одликувања ние денес на симболичен начин правиме обид за исправање на неколку историски неправди. Првата, направена со пропустот Невена Георгиева-Дуња да биде прогласена за народен херој. Втората со отстранувањето на Крсте Црвенковски од јавниот и политичкиот живот поради неговите либерални ставови и прогресивни политики. Третата со обидите да се релативизира значењето на НОБ и АСНОМ како папочна врска меѓу нашиот прв и нашиот трет Илинден“, рече Пендаровски. СДК