Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ објавува табели од засега необјавена анкета која за него е основа да тврди дека шефот на државата ја лаже јавноста за (не)поддршката на Францускиот предлог.
,,Претседателот Пендаровски покрај вообичаените флоскули и интервјуа во кои не кажува ништо важно и ново, во манир се обидува да манипулира со македонската јавност. Истиот тврди во интервју дека расте подршката на македонските граѓани за тнр. “француски предлог”, односно бугарските барања визави македонскиот народ и држава.
Но денеска ги добив испитувањата на јавното мислење од една од најреномираните агенции за испитување на јавното мислење и ме изненади обидот за манипипулација на претседателот Пендаровски со македонските граѓани”, пишува Стоиљковиќ кој дава компаративни бројки за ситуацијата од пред два месеци кога темата “француски предлог” беше во фокусот на јавноста и за јавното мислење денеска.
,,Пред два месеци 74 проценти од Македонците беа против таканаречениот “француски предлог”, а денеска 75 проценти од македонскиот народ се против истиот. Значи расте негативното расположение кај Македонците.
-Што се однесува до Албанците кога станува збор за тнр. “француски предлог” работите се променија сериозно и од 59 проценти од Албанците кои беа за тнр. “француски предлог” сега таа подршка падна на 43 проценти.
-Што се однесува на припадниците на заедниците од 55 проценти кои беа против пред два мессеци, денеска таа бројка порасна на 58 процент”, открива Стоиљковиќ кој додава дека ,,Некого сидрото го влече напред, а некој бројките ги толкува обратно. Но бројките се егзактни, а толкувањата ги оставам на јавноста”.
Лидерот на ДПСМ мистериозно најавува дека скопјани ќе се изненадат од анкетата за очекувањата кои се однесуваат за предвремени избори, за кои тој во моментов нема авторизација да ги соопшти и бара граѓаните да се стрпат некој ден.