Претседателот Стево Пендаровски е под притисок од 18 невладини организации кои бараат да стави вето на измените на кривичниот законик.

Група граѓански организации обединети околу платформата за борба против корупција бараат од шефот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува измените во Кривичнот законик кои во средата ги изгласа владејачкото мнозинство во Собранието.


Од Платформата даваат две причини зошто Пендаровски има должност да го искористи своето право на вето.

Претседателот Пендаровски се уште не се огласил во јавноста по вчерашните експресно усвоени измени на Кривичниот законик во Собранието, кои предизвикаа бројни реакции во јавноста.

Според Платформата, со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил. Дополнително, измените ќе ја урнисаат довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција, а ќе ја намали и превентивната функција на системот на кривична правда, посочуваат од Платформата.

Според платформата власта го злоупотребола европско знаменце.

Втората причина која ја наведуваат од граѓанските организации е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право.
„На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, посочуваат од Платформата.