Пендаровски: Никогаш не би го амнестирал Груевски!

Шефот на државата, Стево Пендаровски категоричен дека доколку до него стигне иницијатива, тој никогаш не би го амнестирал екс-премиерот Никола Груевски.

Надоврзувајќи се на прашањето, во гостување на „Трилинг“ на ТВ 24 Пендаровски откри дека пред неколку месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу таа можност. 


„Не! Ги слушам тие шпекулации наназад седум-осум месеци од нашата политичка чаршија и кујна, да бидам и поексплицитен, значи на едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност.

Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава.

Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не.

Има судски постапки, низ судски постапки, за ‘мерцедесот’ се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите. На што би личело јас од оваа позиција тука да кажувам.

Тоа не би го направил за мој најблизок роднина, а не пак за кој било друг политичар“, изјави Пендаровски. 

Претседателот е скептичен дека наводно со измените на Кривичниот законик, власта се надева на помош од поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а сега бегалец во Будимпешта, за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

Кажете ми, како Груевски ќе помогне од Будимпешта за дветретини мнозинство врзано за законските промени што ги говориме. Не знам дали утре ќе се случи друго-трето, какви махинации се возможни, јас не сум во тек, не ги знам тие работи, ако ги има.

Меѓутоа, врзано со овој закон, Груевски не може со овие измени на Кривичниот законик да се врати во Скопје. Или можеби мислите дека е маѓионичар, па од Будимпешта ќе направи десет пратеника“, рече Пендаровски.