Пендаровски немоќен ако пак се изгласа законот за дивоградби

Претседателот Стево Пендаровски вели дека нема друг избор освен да го потпише Законот за легализација на дивоградбите доколку пратениците по втор пат го усвојат истиот закон без никакви измени.

„…Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам претседател кој има т.н. џебно вето, па да не се произнесувам.

Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира дека истиот ден ќе го потпишам“,вели Пендаровски.

„Имам серија забелешки, од она што го кажа премиерот, ќе бидат земени предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност.

Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство – 61, немам избор. Нема да бидам задоволен, тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти ми беше сугерирано дека тоа практично е неодржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, но не е лошо да го повториме, е дека во повторната расправа во парламентот, ако дојде до тоа, пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на тоа што јас сум го напишал во образложението“, рече претседателот.