Пендаровски на столбот на срамот што не беше со Ѓукановиќ на гробот на Делчев

Лавина реакции предизвика вчерашното положување цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев од црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ без неговиот колега и домаќин Стево Пендаровски.

„На претседателот му е срам да положи венец на гробот на Делчев. Тоа е вистината што ни се случува“, прокоментира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

„Не, не му е срам. СТРАВ му е! Од тие што го устоличија“, реплицира на Твитер некогашната министерка за култура Ганка Цветанова.

„Лоши времиња дојдоа… Да му е незгодно на Пендаровски да се поклони на гробот на Делчев во Скопје. #КосоварскиПрецедник“, реагира Димитар Апасиев од Левица и професор на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

„Пендаровски: ‘Посетата на Помпео е сигнал за враќање НА САД во регионот’. Добро. А непосетата на Пендаровски на гробот на Делчев е сигнал за што?“, праша Богдан Илиевски, еден од лидерите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Пендаровски во интервју за ТВ Алсат во јуни излезе со став за Гоце Делчев како Бугарин што се борел за независна македонска држава, за во интервју за Сител неодсамна да појасни дека револуционерот не ни можел да се изјасни како Македонец во негово време.