Пендаровски му сврте грб на Заев, зборува за „бугарски фашистички окупатор“!

Претседателот Стево Пендаровски му сврте грб на Зоран Заев, кој како лидер на СДСМ го кандидира за шеф на државата на изборите во 2019 година, а кој бараше и издејствува бришење на описот „бугарски фашистички окупатор“ на дел од спомениците од Втората светска војна.

Пендаровски денеска положи цвеќе и се поклони на споменикот на 12. убиени младинци од Ваташа од бугарската војска и полициски одреди на 16 јуни 1943 година.

„Васил Хаџи-Јорданов, Ферчо Поп Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Ванчо Гурев, Ристо Ѓондев, Блаже Ицев, Герасим Матаков, Пане Џунов, Пане Мешков, Данко Дафков, Илчо Димов и Перо Видев – сите на возраст од 15-27 години беа убиени од бугарскиот фашистички окупатор на 16 јуни 1943. Слава им!“, напиша Пендаровски на Твитер во пресрет на 80-годишнината од масакрот врз младинците за кои во извештајот на Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија од септември 1943 година пишува: „Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“.