Пендаровски: Измените на КЗ не поттикнуваат корупција

Шефот на државата вели дека во Македонија, корупцијата која е на недозволено високо ниво, не е само заради содржината на законите, туку дека главниот проблем е неспроведувањето на законите или селективната примена на законите или обидите да се најдат „дупки“ во законите, преку кои треба да се санкционираат случаите, особено на таканаречена висока корупција – на функционери.

„32 години во Македонија ние немаме успешно завршена една процедура, барем во еден разумен период за висок функционер, а имаме толку сознанија во медиумите дека јавните ресурси се практично со години наназад се крадат и за тоа никој не сноси одговорност или сносат одговорност „ситните риби“ кои најдолу на тој ланец на корупцијата“, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Гласот на Америка.


Запрашан зошто ги потпишал измените на Казнениот законик, вели дека тоа го сторил затоа што тие, според него, не поттикнуваат корупција.

„Затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата. Наспроти тоа, што некој вели, тоа може да придонесе – не може да придонесе.

Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот.

И тоа е на линија на тоа што го имаат неколку европски законодавства, на пример Германија.

Тоа е првиот дел, а тоа дали некој понатаму може да прави селективна примена на законот, погрешна примена на законот или воопшто да не го применува, тоа е веќе проблем на имплементацијата на законите какви што ги имаме во Македонија’ вели претседателот.