„Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“ изјави денеска претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на допоратијата на 7.144 Евреи од Македонија во нацистичкиот логор Треблинка.
„Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија“, рече претседателот, пренесе А1.Он
Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, биле депортирани од скопскиот Монополво Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставуваа 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна.
„Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците?
Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт, праша Пендаровски.
Да се прости, но да не се заборави
Тој побара извинување од Бугарија за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.
„И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, потенцира Пендаровски.
Како што рече, „наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството“.
