Не сакам да ни се повтори случајот „Кежаровски“ изјави вечерва во гостување во „Само интервју“ на Канал 5, претседателот Стево Пендаровски.

Запрашан за кривичната пријава од Агенцијата за разузнување и обвинувањата дека новинарите Горам Момироски и Драган Милосављевиќ во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ изнеле „државни тајни“, Пендаровски рече дека е запознаен за случајот, и дека добил уверување дека некои од изнесените ставови имаат елемент на државна тајна.

Доколку е тоа навистина така – рече Пендаровски – тогаш нека оди постапката до суд. А, доколку се покаже дека не се виновни, тогаш „ќе се свртиме кон Агенцијата за разузнување.

Рече дека тој отсекогаш лично бил, и сега е, против тоа институции да тужат новинари.

А, доколку бидат осудени, јас лично ќе ги помилувам, рече претседателот на државата кој, како што рече, и без ничиј предлог има право да помилува.

Претходно, минатата недела и Здружението на новинарите на Македонија повика да се отфрли кривичната пријава против двајцата новинари на ТВ Алфа.