Со фуриозно второ полувреме по минималната предност од 14:13 во првото, ракометарите на Пелистер триумфираа со уверливи 31:25 над Спортинг од Лисабон во салата „Боро Чурлевски“ во Битола и се искачија на второто место во групата Д од Европската лига.

Гостите од Португалија водеа во поголемиот дел од првите 30 минути, кога имаа позитива и од 8:5, но македонскиот вицешампион по паузата заигра поцврсто во одбраната, а во нападот постепено ја зголемуваше предноста до максималните 31:24 во финишот.

Јосип Периќ со 7/7 беше прво име во тимот на Жељко Бабиќ, пред Стипе Мандалиниќ со 7/9, а Мартон Секели забележа 12 одбрани во последниот европски настап на пелистерци годинава.

По шест одиграни кола Пелистер има 8 бода, еден помалку од лидерот Ним од Франција и еден повеќе од Спортинг веднаш зад него, а по нив следуваат Кадетен Шафхаузен со 6, АЕК Атина со 4 и Татабања со 2.