„Предлогот на Макрон за Европската политичка заедница беше примен во стручната јавност со резерва, иако за време на француското претседавање со ЕУ беше истакнато дека таа заедница не е алтернатива за членството во ЕУ, ниту замена за проширувањето.“ – се вели во анализата со наслов „Недоумици за новата европска иницијатива“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, во анализата пишува: „Идејата на францускиот претседател Макрон за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ) наскоро ќе добие своја институционална форма. Во октомври во Прага треба да се одржи првиот состанок на лидерите на земјите што ќе ја сочинуваат ЕПЗ. Тоа се 27 земји-членки на Европската Унија, на кои ќе им се придружат и претставници на земјите-кандидати за членство или соседните земји на ЕУ. На состанокот се поканети да учествуваат и лидерите на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.“

„Тркалезна маса, но учесниците немаат еднаков статус“

„На состанокот во Прага шефовите на државите и владите од европскиот континент ‘ќе се најдат, за да зборуваат на рамноправна основа’. Овој проект-платформа за политички дијалог и соработка беше изнесен од францускиот претседател Макрон и одобрен во јуни, за време на самитот на ЕУ. Европската политичка заедница би имала полабава правна структура, со можност за одлучување, со почитување на самостојноста за одлучување во ЕУ и на секоја држава-членка. Таа заедница би се состанувала двапати годишно на рамниште на шефови на држави или влади, како и на министерско рамниште.“

“Формирањето некаква европска политичка заедница нема да го забрза проширувањето на ЕУ, конкретно и за Македонија. Целта на оваа идеја е да се остави впечаток дека нешто се случува со процесот на приближување на регионот кон ЕУ. Подобро е да бидат фер и да ни кажат дека ЕУ не е подготвена за прием на нови членови. Овој формат на дејствување би значел дека би функционирале две ‘европски унии’, односно прва и втора лига. Намерата на ЕУ е да нѐ држи долго време покрај себе, без извесност дека ќе бидеме и полноправна членка’ – изјави надворешнополитичкиот аналитичар Синиша Пекевски.“