Сè зависи од временските услови од почетокот до завршувањето на жетвата, велат земјоделците и експерти кои не сакаат да претпоставуваат какви ќе бидат приносите кај пченицата оваа жетва. Сепак, велат дека очекуваат да се произведат задоволителни количини на ниво или приближно со ланското кога се произведени 253.000 тони пченица.

Но, колкави и да бидат приносите, и годинава ќе треба добар дел од потребите од лебното жито да се увезе бидејќи државава веќе 6 години не ги произведува просечните годишни потреби од 300.000 тони пченица.

– Не можам да кажам какви приноси ќе имаме на површините под пченица бидејќи жетвата започнува за 10 дена, а временските услови се променливи. Едно неочекувано невреме со град може да ги намали приносите. Можам да кажам дека по региони и по површини ќе се постигнат шарени приноси. Но, можам да кажам дека јачменот кој веќе се жнее кај нас има приноси од 5.000 килограми по хектар и мислам дека ќе има подобар принос од пченицата. Големо влијание на приносите на пченицата имаше еден период од 7-8 дена на просечно високи температури од 36 степени (имаше денови и со 40 степени) кои го „спржија“ бајракот (водечкиот лист) кај пченицата кој влијае на создавањето на храна. Потоа заврна, и пченицата закрепна, но секако ќе има влијание на приносите – вели сопственикот на компанијата „Агроунија“ Огнен Оровчанец.

И Петре Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделски производители вели дека зависно од регионите и квалитетот на почвата, обработката, прихранувањето, но и од климата, ќе има различни приноси кај пченицата.

– Мислам дека во Овчеполието ќе се постигнат повисоки приноси бидејќи и временските услови таму беа подобри. Во Прилепско ќе има пониски. Но, на крај сè зависи од временските услови до жетвата и нејзиното завршување. Деновиве се најавува невреме и ако е проследено со град ќе има штета на пченицата. Сепак, да не мислиме сега на лошо, сметам дека и годинава ќе се произведат задоволителни или на ниво на ланските количини пченица, иако недоволни за потребите на земјата – вели Стојкоски.

Според него, она што е важно по завршувањето на жетвата е да се забрани извозот на секаков вид житарки и да се утврди реална цена со што ќе можат да се задоволат домашните потреби од јачмен и да се откупат што поголеми количини пченица.

– Ова го бараме бидејќи сметаме дека во услови на криза секоја држава треба да размислува прво за сопствените потреби, а потоа за профитот на 10 до 15 поединци трговци. Притоа не треба да се сфати ова барање како да имаме вишок производство и да се спуштаат цените на нашиот производ, туку како потреба и по цена на одредена загуба кај производителите прво да се обезбеди домашниот пазар, па ако има вишок да се извезува – вели тој.

Асоцијацијата на земјоделски производители веќе утврдила цена за јачменот кој се жнее, а цената на пченицата дополнително ќе ја утврди.

– Нашите пресметки се реални и за јачменот се 17 до 18 денари за килограм. За пченицата дополнително ќе се договараме, но мое лично мислење е дека е потребно да се бара цена од 20 денари за килограм пченица – вели Стојкоски.

И Оровчанец и Стојкоски сметаат дека институциите задолжени за земјоделството уште со завршување на жетвата треба да го следат процесот на подготовка на есенската сеидба и да ги дадат навреме стимулациите.

– Со оглед дека цените на сите потреби за сеидбата се зголемуваат, ќе побараме дополнителни субвенции од владата сѐ со цел на земјоделецот да му биде исплатливо производството и да не се откажува од пченицата во последен момент. Потребно е да се дадат поголеми количини зелена нафта, помош за ѓубрива и семенски материјал – вели Стојкоски.

Оровчанец, пак, смета дека за земјоделците е доволно навреме да се дадат субвенциите кои треба да бидат на ниво на оние во ЕУ.

– Не бараме стимулации како што ги даваат во Србија, Бугарија или во Грција, каде се далеку највисоки стимулациите, туку да бидат редовни и како оние во Европската унија. Тие треба да почнат веднаш по завршување на жетвата и да го следат процесот на потребите на земјоделците. Сето тоа ќе влијае на стимулот на земјоделците да се вратат на нивите – вели Оровчанец.

Земјава просечно годишно произведува од 230.000 до над 300.000 тони пченица, а троши просечно по 300.000 тони или 210.000 тони брашно. Просечно годишно се увезува до 100.000 тони пченица и околу 33.000 тони брашно. И годинава, според прогнозите ќе треба да се увезат меѓу 80.000 до 100.000 тони, но по многу повисоки берзански цени од изминатите години.

Државата ја смета пченицата за стратешка и Министерството за земјоделство секоја година се обидува преку субвенционирање на земјоделците и други стимули да ги зголеми површините засеани со пченица, како и да ги зголеми приносите.

По осамостојувањето на земјава, најголемо производство на оваа култура имало во 2004 година 356.825 тони. 2016 година е една од позначајните кога производството на пченица достигнало 306.433 тони по што во 2017 година имало пад на производството за околу 100.000 тони и се произведени 200.112 тони. Лани е забележана подобра година кога се произведени 253.000 тони пченица.

Алармантно е тоа што површините под оваа култура од година во година бележат намалување. Во 2016 година под пченица биле 79.898 хектари, а во 2020 година оваа култура била застапена на 69.902 хектари.

Приносите кај оваа култура секоја година се различни, но во основа се подобруваат. Во 2020 година приносот бил 3.527 килограми по хектар.

Лани се откупени околу 80.000 тони пченица од домашно производство, половина од тоа е од индивидуални земјоделски производители.

За зголемување на производството на оваа култура Владата во изминатиот период направи неколку обиди тоа да го направи преку зголемување на субвенциите и воведување зелена нафта, но и да го нормализира откупот на пченица. За годинава таа најави дополнителни субвенции преку интервентниот фонд за субвенции за набавка на ѓубриво за житните култури.

Но дополнителните стимули годинава дојдоа доцна и нема да имаат големи ефекти ако тие не бидат одново анализирани и усогласени со растечките трошоци на земјоделците поради високите цени на семенскиот материјал, нафтата, ѓубривата и останатите репроматеријали потребни за заокружување на производниот циклус.

Пченицата има берзанска цена која во последнава година бележи вртоглав раст поради климатските промени и војната во Украина. Експертите од Меѓународната организација за храна не најавуваат пад на цената бидејќи поради војната Украина како една од најголемите извозници нема да може да ја ожнее и извезе пченицата, а Русија е под санкции.