„Иницијативата во Бугарија јавно да се објавуваат имињата на сите што добиле бугарско државјанство треба да предизвика ‘вознемиреност и страв’ во македонската политичка средина. Измените на Законот за државјанство во Бугарија се случуваат во време кога Македонија е под бугарски и европски притисок да спроведе измени во својот устав, за да ги внесе Бугарите во својот устав.“ – вели новинарката Јасминка Павловска во анализата со наслов „Бугарски пасош за грош плус или за политички пустош?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Бугарија со нов „творечки“ модел на притисок и уцена кон некои носители на јавни функции во Македонија
Покрај другото, во анализата се наведува: Особено контроверзно во ваквата политика на притисок што Бугарија ја спроведува спрема Македонија е што во нивната претстава за „бугарско малцинство“ во Македонија не се само оние 3.504 македонски граѓани што се изјасниле како Бугари на последниот попис од 2021 година, туку бројката од повеќе десетици илјади од Македонија, на кои во текот на изминатите 15-20 години им доделиле бугарски пасоши. Бројката на Македонци со бугарски пасоши не е точно утврдена, па бугарските политичари манипулираат со бројки од 80.000 до 120.000 државјанства.
На сите во Македонија, Бугарија и на оние, што се заинтересирани за овој билатерален проблем во ЕУ, им е јасно дека најголемиот број од тие бугарски пасоши, иако е многу помалку од споменатата бројка, од страна на македонските граѓани се земени од економски причини, за полесен пристап на пазарот на трудот во ЕУ. Но, Бугарија бескрупулозно ја злоупотребува својата позиција на земја-членка на ЕУ за непринципиелни уцени со национални асимилаторски намери спрема Македонија. ЕУ го толерира тоа, правејќи се дека не ја гледа суштината.
ЕУ ги затвора очите
Најконтроверзниот момент, кој ЕУ се прави дека не го гледа, е фактот што Бугарија не ги признава постоењето на македонскиот народ и неговите посебни национални белези. Но бара во Уставот на Македонија да бидат внесени Бугарите како малцинство, според бројката на издадени бугарски пасоши. Измените на бугарскиот закон за државјанство имаат цел да влијаат и во македонскиот политички амбиент, особено врз политичарите што треба да донесат одлука за уставните измени во Македонија, за кои од бугарска страна се алудира дека (можеби) имаат и бугарско државјанство.
„Не верувам дека менувањето на Законот за државјанство во Бугарија ќе има некакво значење и влијание врз однесувањето и одлучувањето во македонскиот политички простор. Тоа не ја исклучува големата веројатност дека и менувањето на тој закон во Бугарија, во насока на јавно објавување на државјанствата, што ги доделуваат, да е дел од добро смислена стратегија за „предупредување“ на македонските политичари, кои можеби имаат и бугарско државјанство. Предупредување во смисла да не зборуваат против Бугарија како држава. Но, не треба да се жигосуваат македонските граѓани, што имаат бугарски државјанства, од какви било причини, па дури и да се политичари.“ – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.