Павловска: И треба на Македонија пак посредништво во спорот со Бугарија за идентитет и историја, за што не се преговара?

„Разрешувањето на специјалниот претставник на македонската Влада во разговорите со Бугарија Владо Бучковски, во денот кога мандатарот Димитар Ковачевски ги предаде во Собранието предлогот за состав на новата влада и програмата за мандатот, отвори простор за дебата во македонската јавност дали воопшто постои потреба за медијаторска фигура од какво било вид во овој специфичен спор, со чие надминување би требало (повторно без гаранции) да бидат отворени преговорите на Македонија за членство во ЕУ.“ – вели Јасминка Павловска во својата статија со наслов „Треба ли преговарач за теми, за кои не се преговара?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Полуофицијално, во заднината на македонско-бугарскиот случај, сѐ уште се споменува некаква понуда од Франција, како претседавач со Советот на ЕУ, за преговарачко посредништво во балканскиот билатерален спор. Блиското минато на Македонија од меѓународното посредништво во случајот со Грција, искуствено покажа дека медијаторството во спор од национално-идентитетска природа, во кој притоа страните немаат рамноправни позиции, не може да биде со праведен исход. Она што на своја кожа го искуси Македонија е дека вклучувањето преговарач во некој спор подразбира компромис и отстапки… Потребна ли ѝ е на Македонија нова авантура со посредништво во билатерален (апсурден) спор, повторно со ЕУ како мамка и без маневарски простор за какви било отстапки?“

„Околу посредништвото во македонско-бугарскиот спор, Панде Колемишевски, првиот лиценциран медијатор во Македонија, вели дека за идентитетски прашања не се преговара(ло) никогаш и никаде во светот. Специфичната тежина на македонско-бугарскиот спор е зголемена со фактот што македонското Собрание има донесено резолуција, со која ја одреди автентичноста на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик како црвени линии, кои не смеат да се преминат во какви било преговори и процеси за евроинтеграциите. Притоа и бугарското Собрание има изгласано декларација во 2019 година, според која бара од Македонија да ги признае бугарските корени на својата нација и јазик, а подоцна надградена и со барање за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Во услови на така декларирани позиции на двете страни, кои претставуваат суштински антипод една на друга, се чини дека нема простор за медијаторски маневри, од кои двете страни би излегле задоволни.“

„Надвор од цивилизациските норми е некој посредник да решава за правото на постоење на нашиот (мојот) идентитет, јазик и култура. Со Преспанската спогодба Македонија остави простор Западот да си дозволува да наметнува идеи за некаква медијаторска фигура, што би посредувала за спор со вековно историски нерешени прашања, испреплетени со многу емоционално-психолошки моменти, во каков што се претвори договорот со Бугарија. Каков и да е тој посредник, таа трета страна во спорот, ќе гледа прашањето да го реши политички, а со такво решение Македонија, како условена страна, секако ќе биде оштетена.’ – вели историчарот Тодор Чепреганов.“

„Тој нагласува: ‘Во услови кога Бугарија е членка на ЕУ и од таква позиција идентитетско-историски ја уценува Македонија за влез во таа Унија, секој посредник од ЕУ не може да биде неутрален кога е во прашање член на сојузот. Историско-идентитетските прашања се нешто за што не се преговара, дури ни со посредници.“

Интернет-врска до целата статија:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/treba-li-pregovarach-za-temi-za-koi-ne-se-pregovara/