Децениските официјални препораки на Европската комисија за подготвеноста на Македонија да ги започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија речиси исто толку време се трансформираат во „добронамерни неофицијални препораки“ од претставници на земјите-членки на ЕУ, од видот „затнете го носот и проголтајте уште една жаба“, пишува Јасминка Павловска во колумна за „Нова Македонија“.
(…)
Континуитетот на ваквите меѓународни препораки, ултиматуми, притисоци, уцени, како и избегнувањето на ЕУ да ги исполни дадените ветувањата спрема Македонија, очекувано предизвикува револт и отпор, пишува Павловска и тоа го поткерепува со најновото истражување на јавното мислење, според кое отпорот на македонските граѓани спрема францускиот предлог е изразен со 57 отсто од испитаниците, а во едно друго истражување таа бројка беше 75 отсто.
Павловска вели дека „структурите во македонската политика што сметаат дека францускиот предлог е добар за македонските евроинтеграции, на изразениот мнозински отпор во општеството му пришиваат ‘антиевропска етикета’ и дури дека е производ на „токсичната руска пропаганда“.
Според Павловска, во предлогот македонските граѓани препознаваат загрозеност на националниот идентитет, што покажува дека револтот и отпорот се автентична македонска реакција на непринципиелниот однос на ЕУ.
„Всушност, политичарите се тие што се подложни на странски влијанија во изразувањето на своите ставови, а македонските граѓани реагираат искрено и автентично на неправдите што им се нанесуваат и принудите што се прават со „демократски притисок“.
Принудата за согласност за самобришење на националниот идентитет и автентично историско постоење на Македонците е жабата што не може да се проголта ниту со стиснат нос, ниту со очи ширум затворени“, пишува Павловска.
