Патот до ЕУ поплочен со бугарски и грчки блокади – пишува Свето Тоевски

Во колумна на тема “ЕУ-патот на Македонија – „минско поле“ „посеано“ со бугарски и грчки вета и блокади” Свето Тоевски коментира за најновото вето од
Бугарија и колку е лошо тоа за Македонија и за нејзинот стремеж да влезе во ЕУ?

Свето Тоевски

Во барањето одговор на ова прашање корисно е да се имаат предвид и искуствата на Бугарија од нејзиното влегување во ЕУ, па оттука приведуваме согледувања од исцрпни студии и анализи на два истакнати бугарски експерта. Д-р Радосвета Василева, доктор за правото на ЕУ и аналитичар за евроинтеграции, во својата анализа под наслов „Неколку тажни лекции што можe да се научат од искуствата на Бугарија со ЕУ“, објавена во февруари годинава во блог – порталот „Республика“, укажува дека „европскиот сон за Бугарија се претворил во кошмар“: „Бугарите ги заведе сонот, којшто денес го мами и Западниот Балкан – ‘европската перспектива’. По влегувањето во ЕУ во 2007 година… …мрачното патување на Бугарија во ЕУ може да служи како поука на граѓаните од Западниот Балкан..
Земјата има највисока стапка на смртност во светот, што може да се припише на лошата здравствена заштита и сиромаштијата. … последното ‘испитување на среќата’ од Еуростат покажува дека само 35 отсто од Бугарите се задоволни со својот живот.“

Полина Манолова, научен соработник во Институтот за социологија на Универзитетот во Тибинген, Германија, во својот научен труд под наслов „Одењето на Запад е мојата последна шанса за водење нормален живот’: бугарските ‘Би биле мигранти‘ – мечтаења за живот во Англија“, објавен во 2018 година, укажува на „разочарувањето, очајот и разбиените илузии кај луѓето поради несигурната сегашност“ и појаснува дека една од главните „придобивки“ за Бугарите од интегрирањето на нивната земја во ЕУ било отворањето на границите кон другите ЕУ – држави, но за да можат многу полесно да избегаат на Запад: „Бугарската миграција кон Велика Британија постепено се зголеми по пристапувањето на земјата во ЕУ и по отстранувањето на бариерите за слободно движење на работна сила низ ЕУ….

Четириесет и едногодишниот Андреј, татко на бебе и сопственик на банкротиран семеен бизнис вели: ‘Ако ги прашате луѓето како живеат, сите ќе ви одговорат дека работите одат од лошо кон полошо. Луѓето се заглавени и вегетираат … ова е една брутална борба за опстанок… Ми се смачува кога ќе морам да бирам меѓу плаќање сметки за струја, или купување лекови за мојата ќеркичка“.

Василева споменува „лицемерие на политичарите и на институциите на ЕУ и потреба уште на почетокот да се повикаат на одговорност.“

Во контекст на „повикување на одговорност“, по македонскиот дебакл на ЕУ – самитот оставки на Владата веќе почнаа да бараат опозициски партии, истакнати интелектуалци, бројни граѓани, но во оваа смисла е бездруго најповикана ВМРО ДПМНЕ како најголема опозициска партија да се позиционира соодветно, навремено и ефективно.

Како натаму, штом склучениот „Договор за добрососедство“ со Бугарија од 20-17 година, ниту најновиот „Патоказ“, не беа доволни за да се разубедат бугарските политички лидери да и овозможат и на Македонија да почне да го живее својот „европски сон“?

Редица познати светски аналитичари и експерти велат дека Македонија има проблем со Бугарија но уште поголем со не искажаната солидарност од страна на ЕУ и САД. Македонските граѓани се свесни дека Брисел и Вашингтон не вршат доволен притосок брз Софија.

Македонците во овој контекст повеќе очекуваат не толку со официјален Брисел кој и во годините пред југословенската криза беше конфузна туку од Вашингтон кој секогаш ги решавал проблемите на Балканот.

Од Брисел кој повеќе не може да се справи ниту со „евродисидентските политики“ на Полска, Унгарија, Чешка, не очекуваме толку многу но повеќе очекуваме од Американците со кои имаме договор за стратешко пријателство.

Тие бездруго имаат можност да не вметнат во нивните геостратегиски интереси и комбинаторики, во кои е „впрегната“ и ЕУ, со цел да се затвори македонското прашање, овој пат во контекст на Бугарија.

За жал тоа сега не се случува од непознати причини.

Во изнаоѓањето одговор на прашањето како натаму потребно е час поскоро МАНУ, сите научни институти за македонски јазик, за литература, за историја, за фолклор и другите научни институции, сите јавни универзитети и Македонската православна црква, како врвни репрезенти на мнозинскиот македонски народ, да седнат на иста маса и да формулираат заеднички, едногласен став околу натамошната евроинтеграциска политика, како и за самата иднина на Македонија, но секако имајќи ги предвид и интересите и ставовите и на другите етникуми во земјата.

Зашто, „европскиот пат“ на Македонија се претвора во „минско поле“ „посеано“ со многу бугарски и грчки вета и блокади, ако не се исполнат сите, безбројни сегашни и други се уште непројавени барања од овие две држави во поглед на идентитетско-јазични и други отстапки од страна на Македонците.

Со единствен „Државно-Национален Македонски Меморандум“, така да го наречеме условно, заедничкиот акт на македонската интелигенција и наука, кон кој би било дотолку подобро кога би се придружиле и водечките политички репрезенти – партиите, би можело да се истапи пред Американците и да им се предочи дека се што бараат Македонците е да бидат иставени настрана од геополитичките борби меѓу САД, Русија и Кина. Оти Македонците сакаат само да си ја вратат својата држава под името Македонија како политички неутрален и почитуван актер на Балканот и во светот, со внатрешно владеење на правото. Оти сакаат да живеат мирољубиво и да имаат вистински добри односи со соседите. „Државно-Националниот Македонски Меморандум“ мора да води сметка и за новиот „Стратегиски концепт на НАТО“, во кој Грција си има специјално место. Придржувањето кон реал-политиката е неодбежно. Ваквото размислување не е политичка утопија. Со таков македонски унисон став Македонија треба да истапи веќе и пред Филип Рикер, кој доаѓа во Македонија на 1.јули, но и пред сите меѓународни личности, кои ќе присуствуваат на „Преспа форумот“ на 1. и 2.јули 2021.
Авторот на овие редови се дистанцира од каква било и чија било евентуална помисла оти се зазема „про“ или „контра“ позиција и став наспрема која било светска сила – САД, Русија или Кина – или наспрема кој било сосед на Македонија. Единствениот „про“ став е „про“ Македонија, дека Македонија треба повторно да се „помакедончи“, без наметнати договори за добрососедство, ниту далеку, ниту блиску и од Вашингтон, и од Москва, и од Пекинг. Целта на овој текст не е ниту ширење анти – ЕУ расположение во Македонија: евроинтегрирањето нека си дојде на ред во пооптимални услови, создадени и во самата ЕУ и во Македонија.