Политичка партнерка на премиерот Ковачевски во коалицијата на власт турка свој кандидат за претседател од редовите на власта.
Лидерката на ЛДП Моника Зајкова која е во партнерски политички односи со Ковачевски како лидер на СДСМ лобира коалицијата на власт за кандидат за претседател да го предложи Ристо Пенов, министер за локална самоуправа во владата на СДСМ и ДУИ.
Информацијата ја потврдуваат членови на поширокото раководство на ЛДП кои ја поддржуваат лидерката Зајкова во својата намера.
Пенов е искусен кандидат кој може да обедини голем дел од гласачите, не е инволвиран во никакви корупциски афери и има одлични лични контакти со важни западни дипломати, велат изворите во ЛДП кои потенцираат дека луѓето што се во игра во СДСМ како Пендаровски и Оливер Спасовски не можат да добијат ни приближно поддршка во јавноста како Пенов.
Уште од влегувањето на Пенов во владата по заминувањето на екс лидерот на ЛДП Горан Милевски, во партијата знаеле за ова сценарио кое што неофицијално постојано било поддржувано како реалистично од страна на Ковачевски, тврдат изворите.
Доколку Ковачевски ја одбие Зајкова ЛДП да го даде кандидатот за претседател на држава тогаш нема зошто партијата да го поддржи кандидатот на СДСМ и ДУИ за кој либералдемократите се речиси сигурни дека ќе доживее дебакл.
Во исто време изворите потсетуваат дека со добра кадровска платформа ЛДП на последните локални избори доби еден градоначалник и освои над 30 илјади гласови, што е добар капитал пред следното ,, делење на политичките карти” односно претседателски и парламентарни избори кога и да се случат.
Expres.mk уште пред десет дена го најави третиот играч кој сака да влезе во трката за претседател, за што се уште официјално молчат и ЛДП и СДСМ каде работата се усложнува по срамежливата намера на трета крупна фигура од Бихаќка која сака да си ја проба среќата на претседателските избори.
Expres.mk се уште ја проверува оваа информација која внесоа немир во неформалните штабови на Пендаровски и Спасовски кои не кријат дека сакаат да бидат кандидати на ДУИ и СДСМ за следен претседател.
Во игра и трет играч од власта во трката за ,,Вила Водно” со Пендаровски и Спасовски
Во ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е уште покомплицирана затоа што таму со оглед на речиси извесната победа на опозицијата на следните избори досега најмалку 5 сериозни луѓе искажале подготвеност или поради личниот рејтинг се во игра да влезат во трката за претседател.