„Mакедонскиот револуционер, великанoт, апостолoт на Македонската Револуционерна Борба, таткотo на македонската нација Гоце Делчев e и Македонија. Не само историската наука, туку и чувството на Македонец, кое што го имаме јас, или било кој во Македонија, е дека токму Гоце Делчев е татко на македонската нација.“ – изјави Александар Пандов, претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ вечерва пред почетокот на трибината во Ѓорче Петров под мотото „Гоце е Македонија“ по повод 151-вата година од неговото раѓање.
Во својата изјава Пандов истакна: „Не само тука присутните, секој еден Македонец, секој еден добро намерен Mакедонец, секој еден кој што ја сака Македонија, треба да го сака Гоце Делчев и чествувањето на неговиот роденден треба да биде радост за секој еден во Македонија. Но ние сме сведоци дека Македонија се наоѓа во специјална војна под хибриден напад на соседната Република Бугарија.“
Пандов потенцираше дека отворањето и именувањето бугарски клубови во Охрид и Битола и негирањето на македонскиот јазик, идентитет и култура од страна на Бугарија се директно удирање врз македонската држава и народ, додавајќи дека верува оти МВР ќе реагира на провокациите и ќе спречи омаловажување на ликот и делото на Делчев, ако се случат на 4ти февруари од страна на бугарски граѓани.
„Ние сме сведоци на непостоење на македонската држава. Зошто ова го тврдам? Ако ги тргнеме на страна сите провокации, кои претходно доаѓаа од политичкиот врв на Бугарија, почнувајќи од Румен Радев, министер за надворешни работи, премиер или пратеници, ние дочекавме да во Македонијa се отвораат како ги нарекуваат културни клубови со докажан историски фашист во ликот и делото на Борис Трети. На 13 јануари беше чествувањето на тетовчанката Мара Бунева, при што ја видовме целата иконографија, имавме показна вежба од страна на нивни европратеник со толпа шарлатани, кои носеа бугарска иконографија, носеа транспаренти Македонија е Бугарија, носеа знаме на ликот со шлем на оној Борис Трети. Значи, докажан фашист подеднакво е исто дали со неговиот лик или со Адолф Хитлер носат, или со свастика носат знамиња, а притоа да излезат да даваат изјави во кои на највулгарен начин ја плукаат и ударање врз македонската држава и народ. И притоа да видиме дека министерот за внатрешни работи во буквална смисла на зборот не мрдна со прст. Малку беше тоа па ни беше најавено недела дена подоцна од истите тие луѓе дека ќе дојдат на гробот на Гоце Делчев и дека со истата сценографија со истата иконографија, реторика ќе го повторат тоа.“ – нагласи Александар Пандов.
„За ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт тоа не е дозволено и ние на 4 февруари ќе присуствуваме таму. Она што се информации таму, имаме информации дека и МВР и полицијата ќе бидат таму и сме во надеж дека најжестоко ќе биде спречено било какво омаловажување на ликот и делото на Гоце Делчев, а тоа така ќе биде сфатено не само од мене од секој еден Македонец, ако повторно ги слушнеме тие пароли, тоа скандирање“– предупреди Александар Пандов, претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ.